СДСМ- што потоа?!

06.05.2014 17:26

Иницијалниот чекор е направен - мандатите се враќаат, што понатаму ќе се знае од наредната недела. Засега опозицијата нема стратегија...

Конгресот на СДСМ закажан за в недела ќе реши кое ќе биде политичкото дејствување на опозицијата. Улична демократија, излез од институциите или некоја трета опција – заклучоците од конгресот ќе се усвојуваат во највисоките партиски тела. Иницијалниот чекор е направен - мандатите се враќаат, што понатаму ќе се знае од наредната недела. Засега опозицијата нема стратегија.

„Кандидатите за пратеници од листите на СДСМ и коалицијата во текот на вчерашниот ден и утрово на нотар ги потпишаа пред нотар изјавите за неприфаќање на мандатите. Сега на потег е ДИК која треба да не извести за да продолжиме понатаму со правната постапка“, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Без конкретен став за политичко дејствување се и во ЛДП. Партискиот претседател Жерновски ќе го чека ставот на коалицискиот партнер од Бихаќка, за да види дали двете партии имаат заедничка насока на политичко дејствување.  

„Нашиот договор со СДСМ заврши, ние имавме потпишан договор за настап на локални избори, на претседатлски и парламентарни, и по конгресот следуваат разговори со нив, но дефинитивно остануваме опозициска партија“, вели претседателот на ЛДП, Андреј Жерновски.

Опозицијата не ги призна изборните резултати и побара да се формира техничка влада што ќе организира нови избори. Дел од експертската јавност со став дека ваквите барања се неразумни.

 

Анита Димитријевска