здравје

Маџун-природен гроздов засладувач

23.03.2023 20:38

Последните години, меѓу народот се враќа популарноста на маџунот, целосно природен производ, кој се добива од гроздов сок на најквалитетните видови лоза...

Природните лекови за подобрување на отпорноста на организмот се секогаш добредојдени. Последните години, меѓу народот се враќа популарноста на маџунот, целосно природен производ, кој се добива од гроздов сок на најквалитетните видови лоза. Во Тиквешкиот регион го нарекуваат божествена течност, заради ефикасноста врз зајакнувањето на имунолошкиот систем. Се добива со варење на гроздовиот сок исцеден од меленото грозје.

Маџунот се препорачува за добро здравје на возрасни и деца, но и за спортисти. Претставува ризница на хранливи материи што го штитат целиот организам. Богат е со витамини, минерали, танини, флавоноиди и енергетски супстанци.

Помага при настинки и инфекции на респираторниот систем, психички нарушувања, прекумерна телесна тежина, запек, анемија и срцеви болести. Познат е како чистач на телото и посебно се препорачува кај луѓе со нарушена функција на црниот дроб заради прележана жолтица, цироза или прекумерна употреба на лекови.

Овој гроздов засладувач е густ како сируп или мед и е моќен напиток за јакнење на имунитетот.

Маџунот претставува 100% природен производ без додаток на шеќер, адитиви и конзерванси. Може да се користи во секојдневната исхрана за засладување на чај, млеко, мусли или пак како прелив на торти, сладоледи и колачи. Тој е природен антиоксиданс, содржи гроздов шеќер (гликоза и фруктоза), богат е со хидросолубилни витамини (В1, В2, Б6 и C), минерали (K, Na, Ca, P, Fe), танински материи, флавоноиди и органски киселини.