САД

Покренато обвинение против Трамп во случајот со исплата на мито за Сторми Дениелс

31.03.2023 14:00

Против поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Њујорк е покренато обвинение поради потплата на порноактерка за медиумски молк кон крајот на претседателската кампања во 2016 година. Во историјата на САД досега ниеден лидер не бил обвинет за казнено дело. Трамп треба да се појави на судот во Њујорк идната недела...

23 поротници во судот во Менхетен едногласно одлучија дека 45-тиот американски претседател Доналд Трамп треба да одговара за потплата на порно актерката Сторми Даниелс во замена за медиумски молк за наводната афера кон крајот на претседателската кампања во 2016 година во која ја победи демократката Хилари Клинтон. 130 илјади долари ѝ биле предадени од неговиот тогашен адвокат Мајкл Коен, по што биле вратени, а трошокот е оправдан како „правна услуга“. Коен сега е главен сведок во обвинителството. Обвинителите работат на координирање на предавањето на Трамп, што би можело да се случи на почетокот на следната недела. Трамп и натаму негира каков било прекршок, а истрагата ја прогласи за „политички прогон“.

„Ова е политички прогон и мешање во изборите на највисоко ниво во историјата. Од времето кога се симнав по златниот ескалатор на кулата Трамп, па дури и пред да положам заклетва како ваш претседател на САД, радикалните леви демократи – непријателот на вредните мажи и жени во оваа земја – беа вклучени во лов на вештерки за да го уништат движењето „направи ја Америка повторно голема“, изјави Доналд Трамп, поранешен претседател на САД.

Народот со поделено мислење.

„Државава ја водат демократи, што очекувате? Ова е лов на вештерки, мислам дека нема да бидат фер.“

„Ми олесни, се надевам дека почнува нешто со што ќе тргнат една лоша личност која мисли дека е непобедлива.“

„Не е лов на вештерки. Ако некој згреши, треба како и сите останати да се справи со тоа. Мислам дека ќе добие мала казна.“

Трамп се соочува со повеќе истраги, вклучувајќи го и случајот со нередите во Конгресот и незаконското чување доверливи документи по напуштањето на функцијата. Тој периодов ги почна предизборните митинзи за претседателската трка во 2024 година, која според правните експерти, нема да е попречена од актуелното обвинение.

 

 

 

Маја С. Филдишев