Русија и САД се скараа во ООН за тактичкото нуклеарно оружје
Русија и САД се скараа во Обединетите нации за тактичкото нуклеарно оружје, што Москва планира да го распореди во соседна Белорусија. Кремљ побара Белата куќа да го врати целото нуклеарно оружје во земјите на НАТО на своја територија …

Ризикот од употреба на нуклеарно оружје е повисок од кога и да е, предупредуваат од Обединетите Нации. По најавата на рускиот претседател Путин до јули да постави нестратегиско нуклеарно оружје во соседна Белорусија, Советот за безбедност алармира за претстојните закани.
„Сите држави мора да избегнуваат преземање какви било дејствија што би можеле да доведат до ескалација, грешка или погрешна пресметка. Државите мора строго да се придржуваат до обврските што ги презеле според Договорот за неширење на нуклеарно оружје“, изјави Изуми Накамитцу, висок претставник на ОН за разоружување.
Според организацијата, војната во Украина и отсуството на дијалог, во комбинација со опасната реторика, се клучни ризици за нуклеарна ескалација.
„Рускиот претседател Путин уште еднаш го потсети светот на неговото непочитување на меѓународното право, вклучувајќи ја и Повелбата на ОН“, рече Роберт Вуд, заменик постојан претставник на САД во ООН.
Русија од денеска го презема претседавањето со Советот за безбедност. Претставниците на Москва и на Минск побараа Вашингтон да го остави настрана менталитетот на студената војна и да го вратат целото нуклеарно оружје на САД на своја територија.
„Русија во 90-тите ги презеде сите можни напори да го повлече нуклеарното оружје од земјите на поранешниот СССР и да го донесе на своја територија“, изјави Василиј Небензја, постојан претставник на Русија во ООН.
„Ја повикуваме Украина да не застанува на половина пат и да биде храбра и да бара од НАТО да ја прекине практиката на мисии за споделување нуклеарно оружје. Ги повикуваме САД да го извадат своето оружје од Белгија, Германија, Холандија, Италија и Турција“, рече Валентин Рибаков – постојан претставник на Белорусија во Обединетите нации.
Украинскиот претседател Зеленски верува оти Русија распоредува нуклеарно оружје во Белорусија поради неуспешниот состанок со кинескиот лидер Си Џинпинг.
„Факт е дека тоа што Русија поставува нуклеарно оружје во Белорусија укажува на неуспешен состанок со Кина. Белорускиот претседател верувам, веќе не може да одлучува какво оружје се наоѓа на неговата територија“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Рускиот министер за одбрана објави дека Москва значително го зголемила производството на високопрецизно оружје.
„Чекорите за проширување на производствените капацитети и подобрување на продуктивноста овозможија значително да се зголеми производството на оружје за војниците, вклучително и конвенционално и високопрецизно оружје. Сето ова ни овозможува да ги постигнеме целите поставени од врховниот командант врз основа на планот на специјалната воена операција“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.
На фронтот, Министерството за внатрешни работи на Украина тврди дека осум бригади се формирани за напад на Крим и Донбас и се подготвени за офанзива. Русија пак тврди дека Киев повторно го гранатира Доњецк.
Маријана Димовска
