Во Хаг почна судскиот процес против Хашим Тачи
Пред Меѓународниот судот за човекови права во Хаг, почна судењето на поранешните членови на ОВК. Тачи, Весели, Селими и Красниќи се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, извршени во 42 незаконски притворања на Косово и во Албанија…

Во Хаг почна судскиот процес против поранешниот командант на ОВК, Хашим Тачи, две и пол години откако поднесе оставка од функцијата претседател на Косово поради обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и прогон, убиства, тортура.
„Обвинението вели, а ние имаме намера да докажеме стотици притвори низ Косово, обично под страшни услови на злоупотреба и над 100 убиства. Повеќето од жртвите на обвинетите беа сограѓани, косовски Албанци. Доказите ќе покажат дека четворицата обвинети поддржале и спровеле политика насочена кон оние лица, за кои сметаат дека се нивни противници“, рече Алекс Вајтинг, обвинител.
„Г-не Тачи, ве молам станете. Ве прашувам дали го разбирате обвинението?“, праша специјалниот обвинител.
„Да и потврдувам дека не сум виновен“, одговори Хашим Тачи, поранешен командант на ОВК и претседател на Косово.
Покрај Тачи, за злосторства против Албанците, Србите и Ромите на Косово и во Албанија во периодот 1998/99, се обвинети и членовите на главниот штаб на ОВК, кадри весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Обвинети се за прогон на политичка и етничка основа, затворање, незаконско апсење и притворање, сурово постапување, присилно исчезнување, мачење и убиства.
И тие се изјаснија како невини по четирите точки за воени злосторства и шесте точки од обвинението за злосторства против човештвото.
„Разбирам и не го прифаќам обвинението“, рече Кадри Весели, поранешен претседател на косовскиот парламент и лидер на Демократската партија на Косово.
„Потврдувам дека сум невин по сите точки од обвинението“, рече Реџеп Селими, поранешен парламентарен лидер на најголемата опозициска партија.
„Го потврдувам истото. Целосно не сум виновен“, рече Јакуп Красниќи, поранешен претседател на Националниот совет на Социјалдемократската иницијатива.
Обвинителството досега има обезбедено 312 сведоци. Според обвинението, се работи за злосторства кои се случиле на различни места низ Косово, но и во северна Албанија, во областите Кукс и Чахан. Сторителите биле членови на ОВК, а жртви биле стотици цивили и лица кои не учествувале активно во борбените дејства. Обвинителството соопшти дека имаат над 56 илјади документи кои и ги предале на одбраната.
Марина Ристова
