Македонија

Се ограничуваат цените на дел од овошјето и зеленчукот

03.04.2023 14:46

Ограничени цените на дел од овошјето и зеленчукот. Анализите на Владата покажале, овие производи се продавале со маржа од над 200 проценти...

Во маркет или на пазар, свежите домати и краставици ќе се продаваат по цена до 70 денари, кромидот ќе чини, не повеќе од 60 денари, зелените пиперки 90 денари. Влада одлучи, од среда да ги ограничи цените на 11 земјоделски производи од овошје и зеленчук. На листата се и бананите, карфиолот, гравот, леќата, лимоните, портокалите, мандарините. Министерот за економија, Бектеши, открива дека маржите изминатите месеци достигнувале и до 250 насто. Апелираше на одговорно однесување и кај трговците и производителите.

Државниот пазарен инспекторат извршил над 1.800 надзори, издадени се 20 прекршочни пријави на компании што не ја испочитувале владината одлука и не ги промениле цените. Според директорот, освен контрола на маркетите ќе се контролираат и пазарџиите.

Бектеши најави дека неделава ќе биде објавен финансискиот извештајот за тоа, колку пари потрошила државата за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија. Според првичните пресметки на Економија, за три месеци на фирмите им биле исплатени над еден ипол милион евра, или месечно околу 500 илјади евра за сметки за струја.

 

Викторија Милевска