Регион

Неизвесно е формирањето стабилна политичка влада во Бугарија

03.04.2023 16:16

Коалицијата предводена од ГЕРБ на Бојко Борисов освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори во Бугарија. Разликата со блокот предводен од Продолжуваме со промената на Петков е околу 2 проценти. Неизвесно е формирањето стабилна политичка влада. Во Собранието влегуваат шест партии и коалиции...

Резултатите од предвремените парламентарни избори, петти по ред во две години, покажуваат триумф на коалицијата ГЕРБ-СДС, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов. Со 26,5 отсто од гласовите, овој блок води за околу 2 процента пред прозападниот реформистички блок на „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“, предводен од Кирил Петков. Во парламентот влегуваат и националистичката „Преродба“, која е на трето место, како и „Движење за права и слободи“, Бугарската социјалистичка партија и „Има таков народ“. И натаму неизвесно дали ќе се формира конечно политичка влада. Според анкетите, речиси половина од избирачите поддржуваат коалиција Борисов – Петков за да се излезе од политичката криза.

„Изборниот процес заврши без посериозни инциденти. Предистражните постапки на овие избори се двојно повеќе во однос на претходните. Но, овие практики не влијаеја значително на резултатите од изборите“, рече Иван Демерџиев, министер за внатрешни работи на Бугарија.

По последните избори, Бугарија функционираше со службена влада откако ниедна партија не обезбеди мнозинство.

„Облаците над иднината на Бугарија не се расчистија туку се зголемија, особено со резултатот на радикалната десница, националистите од пропутиновата партија „Преродба“, која станува трета политичка сила. Оваа земја ќе мора да заземе јасна геополитичка ориентација. Односно дали ќе остане во турбулентната меѓународна средина или ќе продолжи да се сомнева во надворешно-политичките приоритети на земјата“, вели Ружа Смилова, програмски директор на Центарот за либерални стратегии.

Во земјава се гласаше на седум избирачки места – во Скопје, Битола, Струмица, Тетово, Охрид, Кавадарци и Прилеп.

 

Маја С. Филдишев