МНТ

Почнува 19. Издание на „Танц фест 2023“

04.04.2023 10:59

За поддршката на современиот танц, на отворањето ќе бидат доделени наградите „Менада“ на Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам, Холандија, со кој Културниот центар „Интерарт“ соработува 15 години. По доделувањето на наградите, публиката ќе има можност да ја види претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу нашата држава и Холандија...

„Танцувајќи создаваме иднина!“ е мотото на 19-тиот фестивал „Танц фест 2023“ кој ќе биде отворен вечер од 20 часот во Македонскиот народен театар.

За поддршката на современиот танц, на отворањето ќе бидат доделени наградите „Менада“ на Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам, Холандија, со кој Културниот центар „Интерарт“ соработува 15 години. Со поддршка на овој холандски универзитет е основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава и на Универзитетот „Гоце Делчев“ на кој од 2017 година работи Катедрата за современ танц.

Наградите ќе ги примат директорот на Кодаратс танцовата компанија, Кит Рандолф, и проректорот за наука на универзитетот „Гоце Делчев“, професор д-р Зденка Стојановска.

По доделувањето на наградите, публиката ќе има можност да ја види претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу нашата држава и Холандија.

- Гостувањето на оваа извонредна компанија, со млади и несекојдневно талентирани танчери, е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и ќе ни донесе повеќе кореографии, од осум истакнати светски кроеографи, како Ед Вубе, Кит Рандолф, Рој Асаф, Андонис Фониадакис, Мациеј Кузмински, Јарек Чемерек, Лоранд Захар и Весел ван Острум. Со настапот на интернационалниот состав од осумнаесет танчари на сцената, ќе можеме да уживаме во извонредната техника, софистицираност и експресивност која оваа претстава ја нуди, низ пејзажи на емотивен набој и креација, соопшти „Танц фест“.

Соработката со Кодартс, Рисима Рисимкин ја воспостави пред петнаесет години, во тоа време соработувајќи со Самуел Вуерстен, кој беше уметнички директор на Ротердамската академија за современ танц.