воен конфликт

Во Анкара средба Лавров-Чавушоглу, се разгоруваат борбите во Украина

07.04.2023 10:51

Се разгоруваат борбите, двете страни во офанзива. Лавров во Анкара на разговори со неговиот колега Чавушоглу. На маса – ситуацијата за Украина, договорот за жито, енергетските прашања, како и нормализација на односите Нагорно-Карабах и дијалогот Анкара-Дамаск...

Рускиот шеф на дипломатијата Лавров во Анкара на разговори со неговиот колега Чавушоглу. На маса – ситуацијата за Украина, договорот за жито, енергетските прашања, како и нормализација на односите Нагорно-Карабах и дијалогот Анкара-Дамаск. Во истовреме на терен - Русија известува за смртоносни напади во Доњецк и Луганск. Сирени за воздушна опасност се огласија и во Сумската и Черниговската област. Руската авијација нападна и база во Херсон. Претседателот Путин по средбата со лидерите на анектираните региони во Украина ја нагласи потребата да се туркаат украинските сили назад за да се запрат нивните напади.

„Украинските сили не ги сожалуваат своите војници. Тие се крајно цинични и сурови. Затоа, нашата цел е, да ги вратиме на растојание од кое нема да можат да ни нанесат штета“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Киев најавува голема офанзива, детали не се откриваат. По борбени авиони од Полска, Зеленски доби нови ветувања од Варшава за воена и економска соработка.

„Одбраната и заштита на нашиот народ, отпорноста на нашите војници е прашање број еден на сите преговори и состаноци. Оружје, муниција и нови одбранбени системи за Украина, и благодарам на Полска“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме „Њујорк Тајмс“ објави дека тајни документи со детали за плановите на САД и НАТО да помогнат во подготовката на Украина за пролетна офанзива против Русија, се објавени на платформи на социјалните мрежи. Пентагон го проценува пријавеното нарушување на безбедноста.

 

Бојана Крстевски