Вељаноски повторно избран за претседател на Собранието

10.05.2014 16:55

Пратениците со 87 гласа „за“ и без ниту еден против и воздржан од присустните, денеска за претседател на Собранието на Република Македонија го избраа Трајко Вељаноски, за кого ова ќе биде трет мандат.

Вељаноски беше единствен предложен кандидат за претседател на Собранието од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. 

Првиот парламентарец во своето обраќање пред Собранието повика на државно единство и побара од пратениците од опозицијата да дејствуваат во рамките на Уставот и на законите, односно да дојдат во Парламентот. Демократијата, според него, не познава друг начин на работа освен аргументирана дебата и меѓусебно уважување.

- Изразувам задоволство што на оваа конститутивна седница повеќе од 2/3 од народните избраници ја манифестираа својата почит кон граѓаните што ги гласале и со тоа што се тука на своите работни места. Меѓутоа, сакам да ја споделам и мојата длабока разочараност што пратениците од една коалиција, незадоволни од народната поддршка, одлучија да не ја извршуваат доверената одговорна задача. Оттаму, од ова место, како прв меѓу еднаквите, повикувам на државно единство.

Повикувам сите да бидат свесни за својата историска одговорност и да не дозволат личните суети да ја надминат почитта кон Македонија.

Ги повикувам нашите колеги од опозицијата да дејствуваат во рамките на уставот и на законите, односно да дојдат тука во Парламентот за да работиме. Демократијата не познава друг начин на работа освен аргументирана дебата и меѓусебно уважување, рече Вељаноски.

Верува дека во изминатите два мандата како претседател на македонскиот законодавен дом заедно со сите пратеници дале значаен влог во унапредување на земјата. Изрази задоволство што во овој мандат ќе бидат завршени работите на објектот на Парламентот.

- По повеќе од половина век, создаваме услови со кои Македонија добива репрезентативен, но и целосно функционален објект на македонското Собрание, токму таков каков што имаат другите развиени држави и каков што и’ прилега на нашата татковина, рече Вељаноски.

Во периодот пред нaс, додаде тој, ќе се соочуваме со нови предизвици.

- Јас можам да ветам дека Собранието ќе продолжи да ја надградува македонската демократија со уште пожестоко темпо. Интеграцијата во Европската унија и вкупните државни реформи се наша голема цел.

Мораме да продолжиме да работиме за да добиеме нови уште подобри извештаи за нашиот напредок од страна на Европската комисија, да ја реформираме армијата, одбраната и останатите сегменти за да ги надградуваме НАТО стандардите, да имаме високо чувство на патриотизам и државотворна одговорност во решавањето на сложените меѓународни предизвици каков што е спорот со името, рече Вељаноски.

Заблагодарувајќи се за доверената обврска по трет пат да биде претседател на Собранието, истакна дека за него ова е потврда за досегашниот труд, но и обврска дека довербата подлежи на секојдневна проверка.

- Свесен сум за тоа и ветувам дека ќе го водам Собранието најдобро што можам и умеам во функција на развојот и напредокот на Македонија, истакна Вељаноски.

Посочи дека политичарите и воопшто ние сме минливи и менливи, а вечна е само Македонија и затоа треба добро да се запомни дека она што денес го правиме, утре ќе подлежи на судот на историјата.

- Убеден сум дека оваа генерација политички личности, во најголема можна мера носат исправни одлуки што е препознаено и поддржано во огромна мера од страна на народот на Македонија. Така беше и на последните избори на кои победи досегашниот концепт и визии за развојот на државата, рече Вељаноски.

Наспроти сите наши разлики, додаде првиот парламентарец, покажуваме дека сме упатени на меѓусебна соработка и на разбирање. Претходно, Собранието ги верификуваше мандатите на 123 пратеници, и покрај неприфаќањето на мандатите од СДСМ и коалицијата и НДП. Ова е осми парламентарен состав на македонското Собрание.