Манастирски комплекс го врати животот во Габреш
На ридот над кумановско Габреш, се наоѓа манастирски комплекс „Света Петка“. Ова свето место, не е атракција само за кумановци, туку и за граѓаните од останатите општините, па и надвор од државата. Комплексот располага со дури четири храма, крстилница, конаци. Местото 30-ина години го уредува Мајка Стоја. Мештаните на Габреш велат комплексот го врати животот во селото...

„Да си ја почитуваме верата, секој си има своја вера нека си ја чува, а ние да си ја зачуваме нашата“, е пораката на Мајка Стоја, ктитор на манастирскиот комплекс „Света Петка“ во кумановското село Габреш. Верскиот пат на оваа повозрасна кумановка започнал пред речиси 30 години. Со поддршка на граѓаните и верниците од некогашната стара уништена црква, создала светилиште од четири храма. Црква и манастир посветени на „Света Петка“, црквите „Света Богородица“ и „Света Недела“, која е во изработка. Комплексот располага и со крстилница и конаци, се во служба на граѓаните.
„Мештаните се чудеа што правам, дел се исмејуваа, а волјата беше Божја. Моите чеда ги оставив на Бога дома, а тргнав по Бога. Старите камења што беа, ги исправ, исчистив и повторно ги соѕидав и друга нова црква, тука се две и трето е темелчето тоа се три Света Петки. Го изградив и манастирот горе, бев три пати во Романија, зедов заповест и наредба, владиката ми даде благослов за да го изградам манастирот „Света Петка“, бидејќи има само цркви нема манастир“, вели таа.
Мајка Стоја вели дека местото ќе продолжи да се уредува и збогатува со уште верски објекти. Дополнува по молитва доаѓаат сите, без оглед на класните поделби. И мештаните на Габреш посочуваат манастирскиот комплекс го заживеа местото.
Манастирскиот комплекс во Габреш се наоѓа на 20-ина километри од Куманово, на регионалниот пат кон Свети Николе.
Елена Георгиевска
