Реакции за верификацијата на мандатите на пратениците
10.05.2014 19:03
Со свои реакции за верификацијата на мандатите на пратениците, се јавија СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ

Денешната верификација на мандатите на кандидатите за пратеници од oпозицијата, и покрај нашите нотарски заверени изјави е уште еден доказ за самоволието, насилството и ароганцијата на власта.
Она што важеше за Ивица Коневски, Марјан Ристески и други кандидати за пратеници во 2011 година, кога нивните изјави за неприфаќање на мандатот беа прифатени, очигледно денес не важи за нас како опозиција. Тоа се двојните аршини на ВМРО ДПМНЕ; за која уставот и законите на оваа земја се тоалетна хартија.
Откако не им помина обидот да ја разединат опозицијата, пласирајќи лажни информации за премин во други партии, денеска извршија насилна верификација на мандатите. На 24 декември 2012 година на сила ја исфрлија, а сега на сила сакаат да ја внесат опозицијата во овој нелегитимно избран парламент.
СДСМ останува на ставот дека овој изборен процес беше недемократски и нефер и ги поткопа институциите, заради што бараме формирање на техничка влада која ќе спроведе легитимни избори што ќе ја одразат вољата на граѓаните.- изјави Рената Дескоска, член на Извршен одбор на СДСМ
На тоа со соопштение реагираше ВМРО- ДПМНЕ
Целокупната постапка на верификација на мандатите на пратениците на денешната конститутивна седница на новиот состав на Собранието на Република Македонија, е во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието.
Мандатите на пратениците го даваат граѓаните на Македонија, а на Собранието му е уставна обврска тоа да го верификува.
Доколку избраните пратеници од СДСМ и нивните коалициони партнери сакаат да си поднесат оставки од пратеничките функции, никој не им пречи тоа да го направат согласно Уставот, законите и Деловникот.
Ги повикуваме СДСМ на рационалност. Потребно е да престанат да се однесуваат како мали деца, да внесат разум во својата работа и политичко делување и да ја прифатат одговорноста кои сами ја бараа на изборите и ја добија од граѓаните на Република Македонија.
Се друго е неодговорно и несериозно однесување.