Пофалби, но и барања за оставка на Заев
11.05.2014 17:20
Единство во партијата и доверба за партиското раководство побарал лидерот на СДСМ Зоран Заев од делегатите во своето обраќање на денешниот партиски конгрес.
Дискусиите течат зад затворени врати, но според информации до СДСМ на конгресот има излагања за поддршка на Заев, но и силни критики и барања за негова оставкаод лидерската позиција.

Единство во партијата и доверба за партиското раководство побарал лидерот на СДСМ Зоран Заев од делегатите во своето обраќање на денешниот партиски конгрес.
Дискусиите течат зад затворени врати, но според информации до СДСМ на конгресот има излагања за поддршка на Заев, но и силни критики и барања за негова оставкаод лидерската позиција.
Заев, во своето обраќање, меѓу другото, одговорил на обвинувањата зошто партијата се враќа на политиката на бојкот, која пред една година била напуштена. Тој објаснил дека бојкотот пред една година бил прекинат поради притисок од меѓународната заедница, но најмногу затоа што граѓаните не го поддржале масовно „отпорот“.
Тој потенцирал и дека со обелоденувањето на аферата „Македонска банка“ се изложил на ризик и себеси и своето семејство. Со овие аргументи, тој побарал доверба од делегатите, со образложение дека само 10 месеци е на чело на партијата, а доверба побарал и за заменик-претседателката Радмила Шекеринска и за другите функционери во партиското раководство.
Во дискусијата, прв оставка за Заев побарал Есад Рахиќ, кој најавил дека по конгресот, доколку не се усвои неговото барање, ќе поднесе оставка на функцијата во Централниот одбор на СДСМ. Тој рекол дека не е точно оти Заев е само десет месеци на чело на СДСМ, туку дека бил и потпретседател и в.д. претседател и дека на партиски функции е десет години.
Дел од делегатите како аргументи во одбрана на Заев истакнале дека тој покажал исклучителна истрајност во напорите за обединување на партијата, но и голема храброст со објавувањето на криминални афери во кои е инволвирана власта.
Меѓу делегатите не е присутен претседателскиот кандидат на оваа партија, Стево Пендаровски, кој бил поканет да присуствува на Конгресот во својство на гостин и чие име беше споменато од поранешниот партиски лидер Бранко Црвенковски како можен наследник на Заев. И покрај најавите, и Црвенковски не присуствува на клучниот конгрес за партијата.
Право на учество имаат 707 делегати, а на почетокот на Конгресот биле присутни 563. Дебатата се очекува да трае до вечерните часови, а гласањето за доверба на актуелното раководство ќе биде тајно.