СЗО: Висок ризик од биоопасност во Судан по заплена на лабораторија за вируси во Картум
Примирјето во Судан не се почитува. Продолжува хаосот на улиците во Картум. Има недостиг на храна, вода и струја – на прагот е хуманитарна катастрофа. Откако беше заземена биолошка лабораторија, во СЗО стравуваат од биолошки ризик...

Кревко примирје во Судан. Светската здравствена организација предупреди од биолошки ризик откако суданските борци зазедоа здравствена лабораторија во главниот град Картум.
„Ова е трето примирје, но народот не верува. Вчера и утрово немаше ништо, но сега се слушаат истрели така што никој нема корист од прекинот на огнот.“
„Доста ни е, не смееме да ги напуштиме домовите дури и да ни кажат да го направиме тоа. Ќе умреме дома, нашите деца излегуваат да ни носат вода дома и се враќаат навечер. До кога Бурхан, до кога Хемети? Плашете се од Господ поради ова што ни го правите.“
И натаму безредие на улиците на главниот град. Народот се соочува со сериозна закана од недостиг на вода, храна и струја. Се пријавуваат грабежи, а на слобода е поранешен судански политичар обвинет за злосторства против човештвото откако се случило бегство од затворот Кобер во Картум. Странските земји продолжуваат со евакуација на своите државјани.
„Имавме хаотична недела. Сега сме задоволни. Мали беа шансите да нема загинати.“
„Во Судан има војна, насилство, никогаш не сме виделе судир меѓу две армии. Амбасадата се погрижи за нас, безбедни сме.“
„Уште од првиот ден се чувствував парализирано, не знаев што да правам, како да излезам. Аеродромот беше затворен.“
Обединетите нации не гледаат простор за сериозни преговори меѓу завојуваните страни во Судан. Организацијата веќе премести стотици вработени и членови на семејства од Картум во Порт Судан.
„Борбата не ја става во ризик само иднината на земјата. Се разгорува фитиљ кој може да се прошири преку границите, предизвикувајќи огромно страдање со години, и уназадувајќи го развојот со децении“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Вооружените пресметки кои почнаа на 15-ти април се водат за превласт меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ). Двете страни се согласија на 72-часовно примирје кое започна во вторникот по преговорите со посредство на САД и Саудиска Арабија.
Маја С. Филдишев
