Повредените стабилни, патот прооден

14.05.2014 11:07

Еден ден по страотната несреќа во која се судрија автобус и воз, состојбата кај Лозово постепено се нормализира...

Сите 32-ца  патници кои  беа повредени се во стабилна состојба. Од 16-етте повредени кои вчера беа хоспиализирани во велешката болница, двајца веќе се пуштени дома, 5 се префрлени на Клиниката во Скопје, додека останатите 9-мина се задржани на понатамошно лекување, но без опасност по нивниот живот.

Ноќта, во штипската болница ја поминаа 11 повредени патници и според информации од болницата сите се во стабилна здравствена состојба.

Најголемиот дел од нив во текот на денот, веројатно  ќе бидат пуштени на домашно лекување, а неколкумина кои се со релативно потешки повреди ќе бидат задржани,  информираат  од  Клиничката болница во Штип.  Меѓу нив е и 54-годишниот возач  на автобусот на „Струмица Експрес“ кој е сместен на хируршкото одделение со набиеници на градниот кош, но во добра општа состојба. Сепак, поради истрагата, тој е под постојан полициски надзор.

Од утринава, сообраќајот на патниот правец Штип – Велес се одвива нормално, без никакви застои и проблеми, а само неколку мали остатоци од автобуското стакло покрај коловозот, сведочат за настаните од вчера.  Автобусот и возот, по завршувањето на увидот, доцна синоќа  се отстранети од патоа, а местото на несреќата е целосно расчистено.

Засега, се уште не се соопштуваат повеќе детали за тоа како несреќата се случи. Од полицијата само потврдија дека направениот алкотест кај двајцата возачи бил негативен, но за повеќе информации останаа воздржани.

Инаку, како што веќе информиравме, несреќата  на пругата кај Лозово се случи вчера во утринските часови, откако во  автобус на „Струмица Експрес“ кој се обидувал да ја заобиколи рампата и да ја премине пругата, директно удри воз. Во моментот на несреќата во автобусот имало 45 патници. 

 

Оливера Жежова