Расте бројот на жртви во најстрашната индустриска несреќа во Турција

14.05.2014 13:26

Расте бројот на жртви во една од најстрашните индустриски несреќи што се случиле во Турција, при експлозија и пожар во рудник за јаглен

 Загинати се 205 лица, а голем број се се уште заробени во рудникот.

Во земјата е прогласена тридневна жалост. Несреќата којашто се случила во областа Сома, на околу 250 километри јужно од Истанбул, најверојатно ја предивикал дефект на електричната мрежа.

Во моментот на несреќата во рудникот имало 787 рудари, а дел од нив успеале да се спасат. Главната причина за смртта е труење со отровни гасови.

„Загубивме голем број рудари, повеќе од 200 и стравуваме дека тој број ќе расте. Четворица од повредените се во тешка состојба. Спасувачката акција е во тек, но надежта полека избледнува“, изјави Танер Јилдиз, Министер за енергетика на Труција.

Екипите се обидуваат да доведат кислород до галериите коишто се наоѓаат два километра под површината на земјата, за да ги спасат блокираните рудари. Во операцијата за спасување учествуваат и војници и спасувачки екипи од соседните градови и провинции.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ја откажа планирата посета на Албанија за да отпатува во областа Сома на местото на несреќата. Според податоците на турското Министерство за труд, рудникот последен пат бил контролиран на 17 март, и тогаш не биле откриени никакви прекршоци на правилата за безбедност на трудот.

Инаку најголемата трагедија во рудник во Турција се случила во 1992 година, кога во експлозија загинаа 270 лица во рудникот Зонгулдак. 

 

Марина Автовска