Руско-украински конфликт

Москва нападната со беспилотни летала, оштетени згради

30.05.2023 14:35

Украина изведе еден од своите најголеми напади со беспилотни летала врз Москва. Министерството за одбрана на Русија соопшти дека сите летала се уништени додека се приближувале кон руската престолнина. Продолжуваат руските гранатирања врз Киев...

Управите на руската и на украинската престолнина соопштија дека изутрина градовите биле нападнати со дронови. Во нападот на Москва, нема загинати. Руското Министерство за одбрана обвини за терористички напад со осум беспилотни летала извршен од режимот во Киев. Украина негираше вмешаност.

„Имаше неприроден звук. Обично во пет часот изутрина се слуша звук единствено од автомобили, но овој беше некако чуден“, изјави жител на Москва.

Ова не е прв случај на напад со беспилотни летала на руска територија додека се водат битки на фронтот во Украина. Во почетокот на месецов, летала предизвикаа штета во Кремљ, напад за кој Москва го обвини Киев, опишувајќи го како обид за атентат на претседателот Путин.

„Русија изврши ефикасен напад врз еден од центрите за одлучување во Украина во неделата, а нападот со беспилотни летала врз Москва е обид на Киев да возврати“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во нападот за кој информира официјален Киев пак, загинало најмалку едно лице, а четворица се повредени. Градската воена управа објави дека украинската престолнина била нападната со повеќе од 20 дронови од различни страни.

„Куќата многу се тресеше. Затоа, најдобро е да се биде во засолништа бидејќи навистина не знаете каде ќе летаат дронови“, вели Оксана, жителка на Киев.

„Чувствувам гнев кон агресорот, кон оние што фрлаат гранати среде ноќ, фрлаат оружје против жени и деца“, рече Јурој Савчук, жител на Киев.

Пред Министерскиот состанок на НАТО, во Осло, генералниот секретар ја потврди поддршката за Украина и нејзиниот опстанок како независна демократска држава во Европа.

„Дискусијата за позицијата на Украина во однос на НАТО не е завршена. Очекувам на Самитот да се договориме за повеќегодишна програма за помош и повеќе пари за транзицијата на украинските сили според стандардите на НАТО“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Претходно, украинскиот претседател изјави дека американските „Патриоти“ обезбедиле стопроцентно уништување на руските ракети. Според Зеленски, противвоздушната одбрана спасила стотици животи, а заедно со партнерите, Киев и натаму работи на зајакнување на одбраната.

Маријана Димовска