Хрватска

Пламените јазици во Далмација ставени под контрола, но екипите остануваат на терен

14.07.2023 13:41

Пожарот во Далмација ставен под контрола, но пожарникарите остануваат на терен поради опасност од повторно распламтување на огнот. Во интервенциите има повредени. Предизвикана е голема материјална штета. Локалните власти ги евакуираат туристите и локалните жители...

Апокалиптични сцени во селото Гребаштица во Хрватска. Четворица пожарникари се повредени при гаснењето на пожарот во близина на Шибеник. Пламените јазици се ставени под контрола, но екипите остануваат на терен поради опасност од повторно распламтување на огнот. Пеплосани се многу куќи и автомобили, се евакуираат жителите и голем број туристи. Според првите проценки, опожарена е површина од околу 600 хектари. Хрватските противпожарни единици дејствуваат и од воздух и од копно. Во текот на гаснењето кој Гребаштица беа воочени дронови кои ја попречуваа работата на авионите. Хрватската агенција за цивилно воздухопловство предупреди дека управувањето беспилотни летала при такви интервенции е забрането бидејќи може да ги загрози луѓето и имотот.

„Во моментов можеме да кажеме дека пожарот е под контрола. Во текот на ноќта, 160 пожарникари и 60 возила, вклучувајќи ги и другите оперативни единици, ја следеа ситуацијата. Беа направени мали интервенции“, изјави Давор Божиновиќ, министер за внатрешни работи на Хрватска.

„Околу 160 пожарникари останаа во погодените подрачја. Јадранската магистрала повторно е отворена за сите возила, реактивирано е и снабдувањето со електрична енергија во Гребаштица и кон Примоштен“, изјави Дарко Дукиќ, командир на противпожарниот оддел за Шибеник-Книн.

Високите температури и топлотните бранови предизвикаа пожари на неколку туристички места на Далматинскиот брег на Хрватска. Последниот се смета за најголемиот од почетокот на летната сезона.

 

Маја С. Филдишев