Дали постои за Балканот друг идентитет освен Европскиот?

19.05.2014 17:10

Во моментов е завршниот дел на кој експерти од Австрија и Франција дебатираат за тоа дали постои за Балканот друг идентитет освен европскиот.

Импресивен е составот на говорници кои се денеска во Скопје. Под основната тема на конференцијата- Европскиот идентитет и иднината на Балканот се отворија теми за односите на Македонија со Бугарија, проблемот за името со Грција, се слушнаа европски искуства.

Штефан Лене, искусен австриски дипломат кој беше актуелен во перидот на конфликтот во 2001-та сега е дециден дека Македонија не треба да губи време. Порача дека Атина и Скопје треба да постигнат компромис. Но, и критикуваше што опозицијата не го признава шефот на државата и што нема политички дијалог.

„Не треба да губите повеќе време за овој проблем. Сега имавте избори, и по Европските избори на 25-ти мај ќе има повторно можност да се разгледа ова прашање. Но, верувам дека политичка волја и одлучност мора да постојат“, изјави Лене.

Шефот на македонската дипломатија ја повтори уште еднаш позицијата во која се наоѓа земјава. Рече дека многу од работите не зависат од потезите на властите во Скопје.

„Македонија е целосно подготвена да ги отпочне преговорите за членство, како што веќе години наназат констатира Европската комисија, со сиот свој интегритет и напорна работа во доменот на усолгасување. Тоа треба да се рефлектира и од страна на земјите членки на ЕУ за донесување на нивните одлуки“, рече Попоски.

Надеж Рагару од Институтот за меѓународни односи во Париз зборуваше за бугарско-македонските односи низ призматана страдањето на евреите. Ова е едно од историските прашања што ги оптоварува односите меѓу двете земји. Сите знаеме само какви реакции во Софија предизвика филмот Трето полувреме.

„Договорите за добросоедство се добри и не пречат, но не треба да се политизираат.Ако целта е само да се потврдат заложбите за добрососедство од двете страни, тогаш е добро, но ако добрососедството се користи како изговор за блокада, тогаш тоа не е во ред“, изјави Рагару.

Не е исклучено од конференцијата да излезе документ со извадоци од дискусиите кој може да биде во функција на „нон- пејпер“, препораки за оние кои сакаат да ги применат.

 

Душко Арсовски