Хуманитарен концерт и претстави за настраданите во поплавите од регионот
В четврток на 22 Мај ќе се организира голем концерт во Салата Борис Трајковски, под мотото „Да се обединиме во хуманоста“. Билет ќе чини 150 денари, а ќе се продаваат во повеќе градови во државава...

Државата нема да го задржи ДДВ-то од донаторски сметки кои се отворени во овој период за настраданите од поплавите. Средствата од данокот ќе бидат пренаменети за хуманитарна помош. Со последните законски измени е дозволено ослободување од ДДВ ако станува збор за донации што се од јавен интерес и за кои ќе се побара мислење од министерството за правда.
„На утрешната седница Владата ќе донесе одлука сите средства кои се собрани преку овие донации, како и ДДВ да бидат пренаменети како донација за настраданите од поплавите. Државата нема да задржи ништо од тоа“, изјави портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев.
Во хуманоста се вклучија и македонските ѕвезди од забавната и народната естрада. В четврток на 22 Мај ќе се организира голем концерт во Салата Борис Трајковски, под мотото „Да се обединиме во хуманоста“. Билет ќе чини 150 денари, а ќе се продаваат во повеќе градови во државава.
„Реализацијата на овој настан е еден мал придонес за надминување на катастрофата со која се соочија нашите соседи“, изјави министерката за култура Елизабета Канчевска-Милеска.
Во акција се вклучија и актерите, македонската филхармонија и Операта и Балетот. Испланирани се претстави и концерти.
„Сите најголеми институции од културата се вклучуваме со претстави и концерти од кои приходите ќе бидат уптребени за настраданите во поплавите“, изјави Дејан Пројковски, уметнички директор на МНТ.
Владата се заблагодари на досегашната хуманост на граѓаните и институции.
Наташа Гркова-Петрушевска
