Руско-Украински конфликт

Украина ја засилува контраофанзивата

27.07.2023 15:39

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-Ун му ги покажа новите оружја и ракети на министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу. Меѓу нив беше и интерконтиненталниот балистички проектил „Хвасонг“. Москва и Пјонгјанг ги зајакнуваат меѓусебните врски во екот на војната во Украина. Таму и денеска се огласија сирените за воздушни напади. Повторно рекетирана Одеса. Киев ја засилува контраофанзивата...

Украина почна нова фаза од контраофанзивата, на југоистокот од земјата. Клучната цел на Вооружените сили на Киев е да го пресечат копнениот коридор помеѓу заземените региони на Украина и Крим со што би се отежнало снабдувањето со оружје и координацијата на руските сили. Зголемен е притисокот и во регионот Запорожје. Украинскиот претседател соопшти дека над 30 руски проектили биле пресретнати од системот за противвоздушна одбрана. Објави дека се подготвува листа за деокупација на Крим.

„Можеме брзо да го реинтегрираме Крим во државното ткиво на Украина. Всушност, окупаторите веќе треба да размислат дека треба да се вратат дома, во Русија, додека Кримскиот мост сè уште е оперативен. Крим, како и остатокот од Украина, ќе биде ослободен“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Рускиот претседател Путин е домаќин на Самитот на шефови на африкански држави во Санкт Петербург. По повлекувањето на Москва од договорот за извоз на украинско жито, овој континент се соочува со сериозни последици. Советот за безбедност на ОН инсистира Русија да запре со нападите врз локациите со храна и со културолошка вредност.

„Да се цели намерно кон инфраструктура што служи за извоз на храна до останатиот дел од светот е закана за животот на милиони луѓе на кои им е потребен пристап до храна“, изјави Калед Киари, помошник-генерален секретар за Блиски Исток, Азија и Пацифик.

„Светот ја плаќа цената на руските варварски напади. Да не ги обвинуваме двете страни. Само една земја ја користи храната како оружје“, изјави Линда Томас Гринфилд, постојан претставник на САД во ООН.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун е домаќин на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во Пјонгјанг. Двете страни ветија зајакнување на соработката, а било разговарано за воени прашања и регионална безбедност.

 

Маријана Димовска