Почина актерот Владимир Ендровски-Љац
На 60 годишна возраст почина актерот Владимир Ендровски-Љац. За неговиот талент сведочат многубројните филмови и серии...

На 60 годишна возраст почина актерот Владимир Ендровски-Љац. За неговиот талент сведочат многубројните филмови и серии. Ненадминливите и секогаш препознатливи ликови: Дино во серијата „Трст виа Скопје“ за која ја има добиено и награда на ревијата „Екран“, Трајче во „Пред дождот“, Доре во „Преку езерото“, Безимениот во „Збогум на 20-от век“, Андарт во „Прашина“, Стипе Прикачин во „Бал-кан-кан“, Затвореникот Варден во „Контакт“. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на професор Љубиша Геогиевски.
На сцената на МНТ беше во актерската екипа од 1993-та. Оживеа и направи незаборавни безброј театарски претстави меѓу кои: Далавера змејот во „Рекламна бајка“, Манилов во „Мртви души“, Јован Ангел во „Лепа Ангелина“, Спасе во „МКС“, Д-р Алојзие Зилбербрант во „Глембаеви“, Макрото во „Едмонд“, Трајан во „Балканот не е мртов“, Булдог во „Долу влада“. Владимир Ендровски ја исполнуваше публиката, театарска, филмска или телевизиска, со својот карактеристичен излив на емоции, маестрално подготвени улоги, и умешноста и огромна експлозија на енергија, порачаа колегите од Македонскиот Народен Театар.
