АФРИКА

Армијата на Габон изврши воен удар во земјата

30.08.2023 13:39

Габон е последната африканска земја која се соочува со воен удар. Армијата е незадоволна од резултатот на последните претседателски избори. Распуштени се речиси сите државни институции. Европската унија предупреди – пучот ја зголемува нестабилноста во регионот...

Воен удар во Габон. Армијата ја презеде моќта за да ги поништи резултатите од претседателските избори и да го симне од власт лидерот чиешто семејство владее над пет децении.

„Ние, одбранбените и безбедносните сили во име на народот на Габон и како гаранти на заштитата одлучивме да го браниме мирот со ставање крај на сегашниот режим. Затоа, манипулираните резултати се поништени, границите затворени, а институциите распуштени“, изјави потполковник Улрих Мадумби, портпарол на војската на Габон.

Одлуката на војската следуваше само неколку часа откако претседателот на Габон Али Бонго Ондимба прогласи победа. Тој е веќе под надзор во својата резиденција.

„Праќам порака до сите пријатели во целиот свет, бунете се зашто ме уапсија мене и моето семејство. Син ми е некаде, сопругата е на друго место, јас сум во резиденцијата. Сега сум овде, ништо не се случува. Не знам што се случува. Барам од вас да се побуните вистински“, изјави Али Бонго Ондима, претседател на Габон.

Француската влада незадоволна од потегот на Армијата.

„Франција го осудува тековниот воен удар во Габон и со големо внимание ги следи случувањата таму. Повторуваме дека сакаме да се почитуваат изборните резултати. Ја следиме ситуацијата“, изјави Оливие Веран, портпарол на француската влада.

Европската унија предупреди – воените удари во африканската земја ја зголемуваат нестабилноста во регионот.

„Целата област, почнувајќи од Централноафриканската Република, па Мали, Буркина Фасо, сега и Нигер, можеби и Габон, има сложена ситуација. Министрите денеска и утре ќе треба да размислат за она што се случува таму и за начините како да се подобри нашата политика во однос на тие земји. Ова е важно прашање за Европа“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

Пучот се случува еден месец откако војската на Нигер ја презеде моќта од демократски избраната влада и е последниот од серијата воени удари во земјите чиишто влади се поврзани со Франција, нивниот поранешен колонизатор. За разлика од Нигер и уште две западноафрикански земји предводени од воени хунти, Габон не се соочува со џихадистичко насилство и се смета за релативно стабилна држава.

 

Маја С. Филдишев