Мароко

Трка со времето за спасување на настраданите по земјотресот во Мароко

11.09.2023 12:43

По катастрофалниот земјотрес, во Мароко трет ден жалост. Специјализирани тимови продолжуваат со потрагата по преживеани под урнатините. Понуди за помош од целиот свет...

Трета ноќ по ред во Маракеш по земјотресот луѓето спијат надвор. Војниците и меѓународните хуманитарни тимови со камиони и хеликоптери влегуваат во оддалечените планински градови погодени од историски земјотрес. Постојано расте бројот на загинати. Според Обединетите нации околу 300.000 луѓе биле погодени од земјотресот со сила од 6,8 степени. Луѓето се гневни бидејќи помошта не стигнува до градовите и селата во руралните планински области.

„На секое семејство овде во еврејската област ни е потребна помош, бидејќи секое семејство овде нема куќа. Сите куќи се урнати“, рече локален жител.

„Сите куќи се урнати, луѓето можат само да спијат овде. Ова е 3-ти ден. Нема помош, а ноќите се студени“, вели локален жител.

Спасувачите се соочија трка со времето за ископување на преживеаните од урнатините на уништените села во планините.

„Сите се плашиме затоа што многу луѓе загинаа. Стигнавме до 30, но сè уште има луѓе под земја“, рече жител.

„Успеавме да извлечеме двајца наши пријатели од урнатините. Тие се во болница, но можеби се мртви. Не знаеме ништо за нивната здравствена состојба“, рече локален жител.

„Имаме недостиг од лекови, особено за дијабетес и крвен притисок. Има многу луѓе кои боледуваат од овие болести и досега не сме добиле ваква помош. Тоа го бараме од надлежните. Да се грижиме за овие луѓе и да видиме што им недостига, бидејќи на крајот на денот сите сме Мароканци“, рече волонтер од Мароко.

Властите прифатија меѓународна помош од само четири земји: Шпанија, Катар, Велика Британија и Обединетите Арапски Емирати.

„Бевме активирани вчера и пристигнавме утрово во Маракеш. Од нас беше побарано да формираме приемен пункт, за да ги координира сите тимови кои се на пат да ни се придружат“, изјави мајор Енрике Баскуас, шеф на тимот од 4. Баталјон.

Земјотресот избриша цели села од ридовите на планинскиот венец Атлас.

 

 

 

Марина Ристова