ФИЛМ

„Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е македонскиот кандидат за „Оскар“

14.09.2023 10:09

Во конкуренција за кандидатурата биле и филмовите „М“ во режија на Вардан Тозија и „Преекспонирано“ режиран од Елеонора Венинова.

Филмот „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм.

Одлуката ја донесе комисијата од Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на комисијата, Кастриот Авдили – продуцент и режисер, Ана Стојановска – актерка, Марина Колоска – камера оператор, Лидија Мојсовска – режисерка, Емилија Ивановска-Атанасовска – костимографка, Ебру Мусли – актерка и Раде Василев – костимограф.

Во конкуренција за кандидатурата биле и филмовите „М“ во режија на Вардан Тозија и „Преекспонирано“ режиран од Елеонора Венинова.

„Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист продукција – Скопје неодамна ја имаше светската премиера на 80-от филмски фестивал во Венеција, каде ја доби наградата Queer Lion, во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на „Dog Man“ на Лук Бесон и „Maestro“ на Бредли Купер.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, а продуцент е Марија Димитрова од Лист продукција – Скопје.

Деведесет и шестата церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 10 март 2024 година, во Dolby театарот во Лос Анџелес.