Италија

На Лампедуза и натаму критично, Тунис главна транзитна точка за мигрантите

15.09.2023 18:01

Малиот италијански остров Лампедуза преплавен со мигранти. За само два дена прифатните центри со надминат капацитет-немаат ниту каде да преспијат...

И натаму критична ситуацијата на Лампедуза. Само во едно деноноќие пристигнаа илјадници мигранти на најјужниот остров на Италија. Прифатните центри се преполни поради групите кои секојдневно пристигнуваат со чамци, пловејќи во небезбедни услови.

„Доаѓам од Јужен Судан. Поминав преку Судан, преку Либија, а и таму е лоша ситуацијата, па оттаму заминав во Тунис, таму немаше работа“.

Според Црвениот крст, во центрите успеале да се сместат 4.200 мигранти од карванот со вкупно 6.800 луѓе кои допловија од Тунис до ова рибарско и туристичко место. Волонтерските здруженија предупредија – поради големиот број на лица, невозможно е да се контролира нивното движење, па многумина се распространети веќе по целиот остров. За организациите е симптоматично што се зголеми и бројот на малолетници без придружба.

„На островот има 7.000 луѓе кои пристигнаа од неделата, состојбата се влошува. Вистински предизвик за системот. Дури и организациите кои се на островот, како што е „Спасете ги децата“ која соработува со УНИЦЕФ, очигледно ја извршуваат задачата за поддршка на децата без придружба, жените и најранливите, но со потешкотии зашто е тешко да се организираат и наједноставните активности, како достава на основните потребни производи“, изјави Џована Ди Бенедето портпарол на „Спасете ги децата“.

Француската политичарка и потпретседателка на партијата „Повторно освојување“ Марион Марекал беше во посета на Лампедуза. Од Европската унија очекува реформи во политиката за мигранти и построги гранични контроли.

„Дојдов да им дадам поддршка на италијанскиот народ и владата бидејќи Лампедуза и границите на Италија се граници на цела Европа. Ова криза е пресериозна за сите нас. Мораме да ја смениме политиката на ЕУ и да и помогнеме на италијанската влада која сега се соочува сама со кризата. И француската влада мора да си ја смени позицијата и да престане да го поттикнува доаѓањето на мигрантите“, изјави Марион Марекал политичарка од Франција.

Притисокот врз десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони е сè поголем.

Тунис стана главната транзитна точка годинава, заменувајќи ја Либија каде што беа пријавени многу случаи на злоупотреба на мигранти. Италија има склучено договор со Тунис за враќање на луѓето на кои не може да им биде обезбеден азил, но тоа очигледно не ги премисли бројните карвани да си ја пробаат среќата и да најдат спас на европско тло преку Апенинскиот Полуостров. Министерството за внатрешни работи проценува дека годинава преку Средоземно Море стигнале 126 илјади мигранти, речиси двојно повеќе од истиот период лани.

 

Маја С. Филдишев