Симон Шемов со „Мултиверзум“ во Даут пашиниот амам
Најновиот творечки циклус на маестро Шемов, насловен „Мултиверзум“ се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот

Во Даут пашиниот амам на 27-ми септември ќе биде отворена самостојната изложба на академскиот уметник Симон Шемов.
Најновиот творечки циклус на маестро Шемов, насловен „Мултиверзум“ се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното, информираат од Националната галерија.
„Предизвикот од детството на неговото сликарство, сè уште ја надразнува неговата истражувачка мисија, која почнува од една точка со туш, а до денес љубопитно ѕирка зад оградата, зад неговите Паравани, со трајна надеж дека еден ден истражувачкиот процес ќе го доведе до одговорот за вистината на постоењето на нас самите, на сите во неограничената космогонија. Истрагата продолжува, не е на повидок THE END. Шемов е вљубен во живиот свет. Тука е сосредоточена неговата неизмерлива тврдоглавост да го растајни опстанокот во целиот универзум, каков, колкав и каде и да е“, вели Соња Абаџиева, критичар и историчар на уметност.
Поставката ќе биде достапна за публиката во текот на наредните 60 дена, до 27-ми ноември 2023-та, во Даут пашиниот амам.