МФ

Усвоени законите од даночната реформа, за поправеден и поефикасен систем и справување со кризата

19.09.2023 14:02

Даночната реформа како дел од поширок процес на реформи во јавните финансии доби поддршка во Собранието...

Даночната реформа како дел од поширок процес на реформи во јавните финансии доби поддршка во Собранието. Денеска беа усвоени измени на Законот за данок на добивка и Законот за данок на додадена вредност, кои се во насока на креирање пооптимален даночен систем кој ќе обезбеди повисоко ниво на праведност, ќе го поддржи економскиот раст и ќе овозможи понатамошно усогласување со ЕУ директивите. Исто така поддршка доби и Законот за данокот за солидарност, кој е насочен кон справување со последиците од енергетската и ценовната криза и средствата од него ќе бидат искористени за антикризни мерки.

Даночната реформа е во насока на обезбедување поголема праведност во оданочувањето, со проширување на даночната основа преку ревидирање на даночните ослободувања и повластените стапки и борба против сивата економија. Поконкретно со Предлог-законот за Данокот на додадена вредност се врши усогласување со Директивата на ЕУ по однос на местото на промет на услуги, воведување на концептот на даночен застапник и уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери. Воедно, се предлага продолжена примена на повластената стапка од 5% за првиот промет на станбени згради и станови кои се користат за станбени цели во рок од 5 години од изградбата, ревидирање на примената на повластената стапка на ДДВ, односно се намалува стапката од 18% на 5% за прометот на менструални производи и ќе стартува примена на повластена стапка од 10% кај дел од прехранбените производи кои не претставуваа основен дел од исхраната. Се воведуваат и одредени новини кои ќе придонесат за поедноставување на постапката за наплата на ДДВ.

Вториот закон, кој е дел од даночната реформа е Законот за данокот на добивка, со кој се обезбедува усогласување со препораките од ЕК и меѓународните финансиски институции, во насока на обезбедување подолгорочна стабилност на јавните финансии преку проширување на даночната база, а ќе придонесе и кон намалување на административниот товар на компаниите преку симплифицирање на одредени процедури од системот на данокот на добивка.

Во Собранието покрај овие две законски решенија, беше усвоен и Предлог-законот за Данокот на солидарност, кој не е дел од даночната реформа, туку станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза. Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата.