Економија

Владата донесе одлука за ограничување на цените

19.09.2023 16:35

Владата ја утврди листата на производи кои поевтинуваат. За референтен датум избрани цените од 1-ви август минус 10 проценти. Пазарните инспектори со засилени контроли и со поголеми овластувања. Инфлацијата на храната ќе биде пет насто до крајот на годинава, вети министерот за економија Бектеши.

Одлуката за намалување на цените на 100-на основни прехранбени производи помина на владина седница. Стапува на сила по објавувањето во Службен весник. Со неа се опфатени разни видови ориз, брашно, леб, тестенини, месо и месни преработки, млеко и млечни производи, свежото овошје и зеленчук. За нив ќе важат цените од 1 август, намалени за 10 проценти. Министерот Бектеши е оптимист дека инфлацијата во делот на храната осетно ќе се намали до крајот на годинава.

Дел од потрошувачите со кои поразговаравме имаат резерва колку мерката ќе даде резултат. Велат, изминативе денови, цените постојано оделе нагоре.

Акциски продажби може да има, но, само ако акциите се со пониска цена од оние кои се замрзнати од Владата, а ако станува збор за производи што се нудат на акција поради истек на рок, тоа мора да биде транспарентно објавено. Ресорниот министер разговарал и со производителите на пијалаци, очекува следната недела да има информација дали може и таму да се очекува поевтинување.

Бектеши предупреди дека инспекторите внимателно ќе контролираат. За непочитување на мерките може да биде изречена и забрана за вршење дејност.

 

Александра Велинова