Денеска почнува фестивалот „Букстар“ во Скопје
Фестивалот е под мотото „Ве молиме, вознемирувајте“, а е ориентиран кон одговорно однесување во рамките на заедницата, во насока на подобрување на општествените состојби и инклузивноста, како и кон екологијата. Обраќање ќе има и евроамбасадорот Дејвид Гир кој ќе ја додели наградата „Book Star 2023“ на Неџат ел Хачми за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“...

Денеска почнува фестивалот „Букстар“ во Скопје, на кој ќе гостуваат десет европски автори, како и четириесеттина македонски од различни генерации, претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави во регионот. Фестивалот е под мотото „Ве молиме, вознемирувајте“, а е ориентиран кон одговорно однесување во рамките на заедницата, во насока на подобрување на општествените состојби и инклузивноста, како и кон екологијата. Фестивалот ќе го отвори Лидија Димковска со говор на тема „Со или без Please“.
„Слоганот на фестивалот е пресликан во програмските активности, така што донесува автори кои се заинтересирани да ги согледаат општествените проблеми и на нив да одговорат преку своето гласно книжевно и општествено дејствување. „BookStar 2023“ е повеќе од настан, тоа е инспирација за оние кои веруваат дека текстовите на денешнината поттикнуваат промени, нудејќи погледи на светот каде зборовите не се повеќе букви втиснати на хартија туку повик за будење“, се вели во најавата.
Предвидено е учесниците и гостите да ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, а обраќање ќе има и евроамбасадорот Дејвид Гир кој ќе ја додели наградата „Book Star 2023“ на Неџат ел Хачми за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“.
На фестивалот ќе се одржи прв панел меѓу четворица автори и нивните преведувачи, во контекст на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“. Освен писателите Луцие Фаулерова, Франсис Кирпс и Ања Мугерли ќе учествуваат преведувачите Ксенија Чочкова, Давор Стојановски, Маријанџела Бјанкофиоре, а ќе им се придружат и Маргарета Карајанова и Жарко Кујунџиски.
