Климатски Промени

2023-та година најжешка во историјата

05.10.2023 14:55

2023-та најжешка во историјата. Септември со рекордни температури на глобално ниво - објави Европската служба за климатски промени...

Просечната глобална температура во септември соборува рекорди. 2023-та година е најтопла година досега во историјата на човештвото, минатиот септември се регистрирани 1,3 степени Целзиусови повеќе од досега забележаното. Агенцијата за климатски промени на Европската унија, Коперникус, регистрира врнежи над септемврискиот просек на Пиринејскиот Полуостров, Ирска, северна Англија, Скандинавија и Грција, која беше зафатена од бурата „Даниел“. Последиците се очигледни. Во моментов во Индија во тек е потрага по стотици исчезнати по обилните дождови и излевање на езеро. Поплавена е цела долина, надојдената вода навлезе во урбаните средини.

„Тука имаше два моста, сега ги нема. Патот онаму исчезна“, изјави очевидец.

„Сите вие сте раководители, одговорни лица, така што мора да се погрижите да бидете безбедни“, изјави претставник на државната влада.

Шумски пожар беснее на североистокот на шпанскиот остров Тенерифе по високите температури предизвикани од топлотниот бран. Илјадници луѓе се евакуирани. Непристапниот терен ја оневозможува битката на пожарникарите и на хеликоптерската единица со огнената стихија.

Во Тајван најмалку 190 луѓе се повредени откако јужните делови беа погодени од тајфунот „Коину“. Затворени се училиштата и деловни објекти, повеќето летови од локалните аеродроми се откажани.

„Можеме да видиме дека центарот на Тајфунот моментално е во близина на југоисточниот брег на Тајван“, изјави Ву Ван-Хуа, метеоролог.

Шумски пожари, поплави, одрони. Климатските промени го земаат данокот. Речиси цела планета се соочува со истиот предизвик, како да се запре загревањето на реките, топењето на глечерите и на Северниот Пол. Просечната температура продолжува да расте, земјоделските површини стануваат потопли, почвите се претвораат во пустини. На многу земји им се заканува глад.

„Мерењето на температурата на почвата им овозможува на земјоделците да знаат кога да засадат одредени семиња. Мерењето на температурата на почвата е важен ресурс за земјоделците, но и исто така корисно при планирање градежни проекти“, изјави Мелиса Видал, в.д директор во Климатски центар на Универзитетот „Пердју“.

Резултат на загревањето на морињата е и поморот на 150 делфини во бразилската држава Амазонас, пронајдени на бреговите на реката Амазон.

 

Маријана Димовска