Украина

Руски ракетен напад врз Харков, над 50 загинати

05.10.2023 19:32

Над 50 загинати во руски ракетен напад врз продавница за храна во Харков, североисточна Украина. САД ѝ испратија на Украина повеќе од еден милион парчиња иранска муниција што беше запленета минатата година. Кремљ обвинува дека режимот на Киев ги користи војниците како жив штит...

Десетици жртви во руски ракетен напад врз продавница за храна и кафуле во Харков, североисточна Украина. Меѓу загинатите во селото Гроза, има и шестгодишно момче.

„Спасувачките екипи се ангажирани во тековните напори за потрага по преживеани под урнатините. Дополнително, најмалку седум лица, меѓу кои и една млада девојка, се здобиле со повреди“, изјави Дмитро Чубенко, портпаролот на регионалното обвинителство во Харков.

Пресметките продолжуваат на двете страни. Украина соборила над 20 беспилотни летала во рускиот контранапад од Крим. Кремљ обвинува дека режимот на Киев ги користи војниците како жив штит.

Рускиот претседател Путин повторно ги обвини САД дека арогантно им наложуваат на другите земји како да се однесуваат.

„Ние не ја започнавме таканаречената „војна“ во Украина. Напротив, се обидуваме да ја прекинеме. Не бевме ние што го организиравме пучот во Киев во 2014 година, државен удар што беше крвав и неуставен“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Претходно, САД и испратија на Украина повеќе од еден милион парчиња иранска муниција што беше запленета минатата година.

„Американската влада префрли 1,1 милион парчиња муниција од мало оружје за украинските пешадиски единици. Ќе продолжиме да преземаме активности за да ја поддржиме во нивната борба за слобода“, изјави Карин Жан-Пјер, портпарол во Белата Куќа.

Помошта пристигна во време кога континуираната финансиска поддршка на САД е под знак прашалник поради отпорот на неколкумина републиканци за дополнително финансирање за Киев. Претседателот Бајден најави дека наскоро ќе ги изнесе аргументите – зошто е важно Украина да успее.

„Наскоро ќе објавам голем говор на кој ќе се изјаснам по ова прашање и зошто е критично важно за САД и нашите сојузници да ја задржиме нашата посветеност“, нагласи американскиот претседател Џо Бајден.

Претседателот Зеленски вели дека ја чувствува поддршката и е убеден оти така ќе биде и во иднина. Потенцираше дека контраофанзивата продолжува и дека ќе направи се за Украина да ја добие војната. Во меѓувреме, Киев ја презеде одговорноста за уништениот противвоздушен систем С-400 во близина на Белгород.

Маријана Димовска