Украина

Русите повторно нападнаа цивилни цели во Харков

06.10.2023 12:16

Русите повторно нападнаа цивилни цели во Харков. Загина 10-годишно момче, над 30 се ранети. По последните случувања во Украина реагираат меѓународната заедница и САД. Шведска најави пакет воена помош...

Нови руски напади врз Харков. Повторно погодена цивилна инфраструктура. Загина 10-годишно момче, а над 30 се ранети, меѓу нив и бебе. Спасувачите ги расчистуваат остатоците.

„Непријателот изврши два ракетни напада врз централниот дел на градот Харков. Една од ракетите ја погоди земјата, оштетувајќи две станбени куќи во близина, другата директно ја погоди трикатната зграда. Во моментов продолжуваат работите за пребарување и спасување“, рече спасувач.

По последните случувања реагира меѓународната заедница и САД.

„Нападите против цивили и цивилна инфраструктура се забранети според меѓународното хуманитарно право и тие мора веднаш да престанат“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.

„Мора да продолжиме да го поддржуваме народот на Украина. Наскоро ќе испратиме уште еден пакет помош која вклучува оружје и опрема. Ќе продолжиме да го правиме тоа за да ги задоволиме потребите на бојното поле“, изјави Карин Жан-Пјер, портпарол на Белата куќа.

Се идентификуваат телата на жртвите по вчерашните најсмртоносни напади во Купијанск во кои загинаа 51 цивил. Роднините кои дојдоа на препознавање со солзи раскажуваат за хоророт.

„Многу луѓе загинаа. Мојот брат, мојата снаа, мојата мајка“, рече жител на Купијанск.

„Ми го најдоа зетот, но не и ќерка ми. Страшно. Слушнавме експлозии и мојот внук дотрча, рече-нема никој жив“, рече жителка на Купијанск.

Кремљ ги отфрли обвинувањата. Велат-никогаш не гаѓале цивилна инфраструктура.

„Руските сили не напаѓаат цивилни цели. Се изведуваат удари врз објекти на воена инфраструктура, места на концентрација на воен персонал и претставници на военото раководство“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на претседателот Путин.

Во меѓувреме додека во Вашингтон останува неизвесноста за континуираната поддршка за Украина, Шведска најави пакет воена помош. Ќе испрати муниција и резервни делови. Наспроти ова, Северна Кореја почна да ја зајакнува војската на Путин пренесувајќи артилерија во Москва.

 

 

Бојана Крстевски