Мултимедијалноста- предизвик за младите
На 13 мај во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност студентите на овој оддел промовираа 4 видеа кои се однесуваат на визуелизацијата на музиката...

Мултимедијалноста е феномен на современото општество. Комбинацијата и обединувањето на повеќе медиуми е предизвик за новите генерации. Следејќи ги современите трендови Факултетот за музичка уметност во 2000-та година во рамките на отсекот за музичка теорија и педагогиjа оформи насоката за сонологија со мултимедија која подоцна се одвои како посебен оддел.
На овој отсек во 2014-та година завршува третата генерација студенти: Мајда Бошњак, Јана Серафимова, Костадинка Троковска, Блерим Ќамили, Пеце Нешковски, Илија Грковски ,Нестор Черепналковски и Дејан Трајкоски.
На 13 мај во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност студентите на овој оддел промовираа 4 видеа кои се однесуваат на визуелизацијата на музиката.
Видеата се изработени под менторство на доцент доктор Трена Јорданоска и професор доктор Димитрије Бужаровски. Во музичките видеа настапуваат флејтистите Биљана Камчева, Даниела Петкоска , професор Страшо Темков, обоистката Танкица Митева со изведба на дела за соло инструмент од Томислав Зографски, Георг Филип Телеман, Кржиштоф Зграе и Бенџамин Бритн.
Студентите од катедрата за балетска педагогија танцуваа на кореографијата на доцент доктор Искра Шукарова, а сликарката доцент Јана Јакимовска создаде дело во текот на снимањето на ова видео. Музичките проекции целосно можат да се видат на страницата на www.mmc.edu.mk.
Весна Малјановска
