Руско-Украински конфликт

Интезивни руски напади врз Украина

23.10.2023 13:22

Руските сили напаѓаат се пожестоко во Украина. Борби се водат на истокот и југот на земјата. Гранатиран е Купјанск во областа Харков...

Додека очите на светот се свртени кон Блискиот Исток, руските сили напаѓаат се пожестоко во Украина. Борби се водат на истокот и југот на земјата. Гранатиран е Купјанск во областа Харков. Погодени се станбени згради, има повредени. Продолжуваат нападите и врз источниот град Авдијвка и регионот Херсон.

„На Украина и требаат резултати секој ден. Постојаниот напредок на бојното поле е важен. Дури и само еден километар или 500 метри, но секој ден ги подобруваме украинските позиции за да извршиме притисок врз окупаторите“, изјави Володимир Зеленски.

Особено критична е состојбата во разурнатиот град Авдиивка кој подолг период е цел на руските напади. Градот стана место за отпор, како стратешки влез за повторно заземање на Доњецк и остатокот на Домбас. Претстојната зима дополнително го отежнува животот на населението во погодените населби. Жители на Мошчун забрзано се подготвуваат за студените зимски денови, потсетувајќи се на минатата зима кога подолг период регионот остана без струја.

„Беше многу тешко без струја. Имаше моменти кога два дена немавме струја. Спиевме со капи и јакни, но некако успеавме. Годинава набавивме огревно дрво. Имаме и штици, ќе ги сечеме малку по малку, веќе купивме и канистери со плин“, рече жител на Мошчун.

„Пред околу една година Русија го почна енергетскиот терор против Украина. Ги преживеавме последиците од масивните напади и секако ги научивме лекциите. Ги поминавме последните седум месеци за подготовка за претстојната зима и мислам дека сега имаме прилично силна позиција“, изјави Максим Тимченко, извршен директор на приватната енергетска компанија ДТЕК.

Во неколку месечната украинската контраофанзива се водат жестоки борби за враќање на окупираните територии. Извештаите за успешноста контрадикторни. Од Киев тврдат оти контраофанзивата напредува и оти руските сили претрпуваат огромни загуби на терен, од Кремљ, пак, велат оти ураинската контраофанзива е неуспешна.

Маја Стојанова