Без договор меѓу лидерите на Србија и Косово во Брисел
Вчерашната средба на косовскиот премиер Курти, претседателот на Србија, Вучиќ и европските лидери, заврши без договор. Средбата е прва по нападите на северот на Косово. Водачите на ЕУ бараат од двете страни искрено да се ангажираат во процесот на нормализирање на односите…

Нема договор меѓу Белград и Приштина поради предусловите на секоја страна, кои за другата беа неприфатливи, изјави, Жозеп Борел по вчерашните одвоени разговори меѓу лидерите на ЕУ, Франција, Германија и Италија со Александар Вучиќ и Албин Курти во Брисел.
Борел изјави дека „сите заедно презентирале нов европски сериозен и избалансиран предлог“ за формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) и инсистирале страните да ја искористат таа можност, бидејќи тоа би било „голем скок напред“ во процесот на нормализирање на односите.
„За жал, страните не беа подготвени да се договорат за ова. Предусловите на секоја страна за другата беа неприфатливи. Водачите на ЕУ бараат од двете страни искрено да се ангажираат во процесот на нормализирање на односите. Ова може да се направи само во рамките на дијалогот, бидејќи тоа е единствениот начин да се напредува на европскиот пат. Ќе продолжиме да инсистираме и да работиме на постигнување договор“, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
Владата на Косово, соопшти дека Курти на средбите повторил дека е подготвен да го потпише Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија и побарал да се прифати придружно писмо, со кое практично се укинуваат трите принципи на Договорот, неговиот Анекс за имплементација, како и предлогот за ЗСО.
Вучиќ синоќа изјави дека во Брисел немало разговори за потпишување за било што и предлогот што „големата петорка“ го донела во Белград и Приштина на 21-ти октомври е „добра основа“ за продолжување на работата и формирање на Заедницата на српски општини.
„Тој предлог се однесува исклучиво на формирањето на ЗСО, но не можам да зборувам за детали, рековме дека тој предлог е многу добра основа и дека сме подготвени да работиме и веднаш да почнеме да го спроведуваме, заедно со оградувањето, што и денеска го претставив на лидерите на трите најмоќни земји, а тоа е дека не можеме да прифатиме членство на Косово во ОН и прифаќање на независноста на Косово“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Како што кажа Вучиќ, никој во Брисел не спомнал санкции против Србија заради настаните во Бањска.
Оливер Бранковиќ - дописник од Белград за МТВ
