Втора ноќ по ред Израел ја продолжува копнената офанзива во Појасот Газа
Американските воени авиони извршија напади во источна Сирија врз објекти поврзани со милитантни групи поддржани од Иран. Целта на нападот е како што велат, да се избегне регионално проширување на конфликтот на Израел со Хамас...

Американски авиони Ф-16 изршија напад во Сирија. Погодени се магацини за муниција и објекти за логистика поврзани со иранската револуционерна гарда. Акцијата се правда како одговор на нападите врз американските војници и заштита на американските интереси во регионот.
„Нашата цел е да избегнеме регионално проширување на конфликтот на Израел со Хамас. Подготвени сме да ги заштитиме и да ги браниме нашите партнери и интереси, и ќе дејствуваме за да го сториме тоа“, изјави бриг. генерал Пет Рајдер – портпаролот на Пентагон.
На Блискиот Исток се распоредува и дополнително оружје за противвоздушна одбрана за Израел кој се подготвува за голема копнена офанзива. Втора ноќ, тенкови и пешадија влегуваат во Појасот Газа. Извршени се и воздушни напади врз цели на Хамас. Убиен е заменик-шефот на разузнавањето на Хамас, Шади Баруд, кој според Тел Авив го испланирал нападот на 7-ми октомври.
„Вооружените сили придружувани од авиони извршија напад во центарот на Појасот Газа, како дел од подготовките за следните фази од војната“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелските одбранбени сили.
Повредени цивили ги полнат болниците. Нема храна, нема струја, нема вода, лекови, ниту гориво. Во опколениот појас веќе се појавија првите симптоми на заразни болести. Со часови се чека за литар гориво кое го нема.
„Жителите овде веќе покажаа симптоми како дијареја и повраќање. Остануваме во засолништето, но целосно не се распоредуваат. Храната е лоша, а најблискиот употреблив тоалет е на километар“, рече Махмуд Канан - жител на Газа.
„На оваа пумпа чекам веќе четири дена да наполнам гориво. Доаѓам во 6 часот изутрина и заминувам во 12, а сè уште не добив ниту еден литар бензин“, додаде друг жител.
Од Брисел со апел за прекин на огнот за да се достави хуманитарна помош. Делата на Хамас се остро осудени.
„Хамас мора веднаш, безусловно да ги ослободи сите заложници. Со терористичките активности му наштетува и на палестинскиот народ. Предизвика хуманитарна криза. Мора да ги засилиме напорите за справување со кризата. Помошта мора да пристигне во Газа, без пречки и брзо“, изјави Урсула Фон Дер Лајен - претседателка на Европска комисија.
Од Брисел соопштуваат оти првиот од трите авиони со хуманитарна помош е веќе пристигнат во Египет.
Бојана Крстевски
