Годишен концерт на балетското студио Менада од Тетово

29.05.2014 10:49

Балетското студио Менада од Тетово го одржа својот годишен концерт. Вљубениците во балетската уметност можеа да уживаат во изведбата на најмладите тетовски балерини но и на интересните специјални ефекти кои го збогатија впечатокот...

Мајки. Вака беше насловен деветтиот годишен концерт на балетското студио Менада од Тетово кој се одржа во центарот за култура Иљо Антески Смок. На него учествуваа десетици млади балерини, а кореографиите ги подготвија Наташа Оклевска и Јелена Мирчевска.

„Менада се претстави со балетска трагедија. Навистина беше со многу специјални ефекти на оваа премиера. Возбудата е голема и емоциите се измешани. Јас само можам да ја најавам репризата која ќе се одржо на 14-ти јуни. Секој што ја пропуштил премиерата, може да дојде и да излезе полн со емоции од оваа сала“, изјави Јелена Мирчевска – Кореограф.

Концептот на оваа балетска приказна е создаван уште од почетокот на септември минатата година. Девет месеци се подготвувала неговата реализација. За двете кореографки најважна е нивната блиска соработка и меѓусебното надополнување во потрагата по нови идеи за балетската игра, музиката, костимите...

„Тука нема одредени задачи - кој што работи. Уметниците ја дожувуваат уметноста спонтано. Тие не седнуваат да напишат домашна задача. Едноставно тоа се случува секаде и на секое место“, вели Јелена Мирчевска – Кореограф.

Претставата ја одиграа балерини на возраст од 9 до 15 години. Со нив, покрај сценските движења, се работи и на психичката подготовка.

„Да им објасниме што се случува, во кој дел – кој влегува, зошто, која е целта, која е пораката? И пораката на овој концерт беше многу длабока, до сите жени, а потоа и мајки: колку е важно да имаме дом, семејство, а потоа и деца“, вели Јелена Мирчевска – Кореограф.

Претстои летниот распуст, а од септември нови предизвици и реализација на нови балетски проекти.

 

Зоран Јованоски