Филхармонијата и студентите хуманитарно ќе концертираат
Македонската филхармонија се приклучува кон иницијативата на Министерството за култура и Владата на Република Македонија за помош на настраданите од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина...

Македонската филхармонија и оваа година еден од своите концерти ќе го посвети на надежните млади инструменталисти кои во моментов го стекнуваат своето образование на факултетите за музичка уметност во Република Македонија. Концертот ќе се одржи на 3 јуни 2014 година (вторник), во Салонот на МОБ, со почеток во 20:00 часот.
На концертот ќе настапат: пијанистите Петре Штерјов и Горјана Стојановска, кларинетистот Мухамет Реџепоски, Александар Ниниќ на туба, Марија Михајловска на виолончело, како и виолинистите Димитар Михајловски и Ѓорѓи Петровски. Младите солисти ќе настапат под диригентската палка на искусниот Борјан Цанев.
Македонската филхармонија се приклучува кон иницијативата на Министерството за култура и Владата на Република Македонија за помош на настраданите од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина, и средствата собрани од билетите за овој концерт во потполност ќе бидат наменети за оваа цел. Билетите се во продажба на билетарницата на Македонската филхармонија во Дом на АРМ, по симболична цена од 100 денари.
