Здравство

Расте бројот на заразени од грип

16.01.2025 16:16

Грипот коси, за трипати е зголемен бројот на заразени за само шест дена, според институтот за јавно здравје. Пријавената инциденца е над неделната граница првпат сезонава...

Грипот забрзано се шири. За една недела за три пати зголемен бројот на заболени – регистрирани повеќе од 1.000 заразени. Најмногу во Скопје.

Иако докторите велат, пикот допрва доаѓа, од Комисијата за заштита од заразни болести со став ја следат состојбата, нема потреба од мерки, ниту да се пролонгира стартот на второто полугодие.

„Кога имате поголема раздвиженост на популацијата во затворени простории, помало престојување во надворешен простор каде што е многу потешко да се пренесат респираторните вируси, очекувано е да се зголемуваат случаите. Сè уште не сме го достигнале пикот и немаме исклучително висок број на пријавени случаи, тоа е нешто што го очекуваме во февруари, поточно втората половина на февруари“, д-р Злате Мехмедовиќ, Комисија за заштита од заразни заболувања.

Ординациите се полни со пациенти, најбројни се децата од предучилишна возраст. Лекарите велат, кај нив грипот брзо прогресира и предизвикува бронхопневмонии.

„За жал симптомите се многу драматични, грипот почнува одеднаш, со нагли симптоми, со црвенило и болка во грлото, отежнато голтање. Од друга страна, кај дечињата предизвикува дури и нагон на повраќање. Тие се раздразливи, нервозни, брзо се симнува на плуќа, односно прави бронхопневмонии“, вели Анкица Станоевска, матичен лекар.

По празничните дружби, очекувано е ширењето на грипот. Но, проблем создава и загадениот воздух.

Вакцинацијата е најдобрата заштита од сезонски грип. Лекарите велат, штити од тешки форми на болеста, хоспитализација и од смртен исход. Годинава вакцина против грип во земјава примија повеќе од 70 илјади граѓани.

 

Андријана Ѓурческа