Вонреден инспекциски надзор на Детска клинка по смртта на деветгодишното дете
Починало деветгодишно момче на Детската клиника, од таму велат било донесено во тешка состојба, дехидрирано и со срцева слабост. Препратено било од болницата во Штип. Како било третирано и лекувано, ќе утврдува Државниот санитарен инспекторат...

9-годишно дете почина на Клиниката за детски болести во Скопје откако претходно беше донесено во тешка здравствена состојба од штипската болница.
Момчето од Свети Николе на Детската клиника починало пред два дена. Со брза помош од штипската болница било донесено со срцев застој и лоши витални параметри. Лекарите се обиделе да го реанимираат, но безуспешно. Сомнежите се дека причинител за лошата состојба била цревна инфекција – велат за МТВ од Клиниката. Од штипската болница соопштуваат дека кај нив го донеле во бессознание и веднаш му биле направени лабораториски и компјутерски анализи. Поради тешката состојба истиот ден го транспортирале во Скопје.
„Детето е донесено на одделот за детски болести во ЈЗУ Клиничка болница – Штип на 14.01.2025 г. Во 18 часот во тешка општа состојба со засегната свест. Веднаш се реализирани биохемиски иследувања и КТ на глава и поради тешката состојба со медицинска придружба во 19 часот истиот ден детето е транспортирано до УК ДБ-Скопје.“ – соопштуваат од клиниката во Штип.
Вонреден инспекциски надзор на Детската клиника, најавија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Изминатиот период на Детската клиника починаа 4 деца меѓу кои имаше и 7-месечно бебе. Само во еден случај беше утврдено дека детето не било навреме хоспитализирано, двајца доктори беа суспендирани од работа.
Ана Јосифоска
