Директен лет до Берлин, Копенхаген и Братислава

27.01.2016 15:10

Од аеродромот „Александар Велики“ со „Виз ер“, директно кон Копенхаген, Братислава и Берлин. Поради евтините билети, авиосообраќајот лани е зголемен за 22 насто...

Од март директен лет од Скопје до Берлин, Копенхаген и Братислава. Со нискобуџетската „Виз ер“ два пати неделно со почетни цени од 25 евра.

„Во моментов зборуваме за 24 линии до 11 држави од Македонија. Од скопскиот аеродром  22 линии до 11 држави, а од Охрид две линии до две држави“, вели Ѓорѓ Абран, комерцијален директор на „Виз ер“.

Речиси 50 насто е пазарниот удел на „Виз ер“ во бројот на превезени патници од и кон Македонија. Директни летови до европски држави. Субвенциите од државната каса за евтини авиолинии го раздвижија туризмот и економијата.

„Ако пред 10-ина години се леташе само до 15-ина дестинации, сега како резултат на мерките што ги преземаме таа бројка достигна над 30-ина директни летови кон европски дестинации“, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Од „Александар Велики“ и „Свети Апостол Павле“, Македонија е поврзана со 34 европски дестинации. Со евтините билети, летањето стана достапно за сите граѓани.

„Се овозможи многу луѓе меѓу кои млади лица, цели семејства, како и наши иселеници од дијаспората почесто да патуваат“, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.  

Во 2015-та над милиони ипол патници на македонските авиопристаништа, 11 насто поголем број воздухопловни операции. Со новите авиолинии годинава се очекува поголема фрекфенција.

 

Сузана Фиданска- Стоевска