Втора фабрика на „Џонсон Конролс“ во Македонија, нови 1.500 работни места во Струмица

27.01.2016 17:40

„Џонсон Контролс“ потпиша договор за изградба на нова, втора, фабрика во Македонија. Инвестицијата во Струмица од 20 милиони долари ќе отвори 1.500 работни места. Се очекува годишен извоз од 30 милиони евра.

Американската „Џонсон Контролс“ потпиша нов договор за изградба на втора фабрика. Ова е трета по ред инвестиција на компанијата во земјава. Ќе се реализира во слободната зона во Струмица. „Џонсон Контролс“ ќе вложат најмалку 20 милиони долари. Со новата инвестиција ќе имаат околу 3 илјади вработени во Македонија.

„Во Македонија произведуваме навлаки за автомобилски седишта. Ние ќе бидеме првата компанија во слободната економска зона во Струмица и ќе придонесеме за развој на државава. Од нашата фабрика ќе извезуваме на европскиот пазар“, изјави Питер Хајвт, генерален директор на Трим- групацијата.

Ноата инвестиција значи нови директни и индиректни работни места, зголемено производство, извоз и просперитет за регионот и за земјава- вели вицепремиерот и министер за финанасии Зоран Ставрески. Изградбата на фабриката треба да почне во април годинава. Во погоните ќе се вработат околу 1.500 луѓе.

„Вработувањето на 1.500 луѓе ќе обезбеди егзистенција за 1.500 семејства, воедно ќе имаат можност да работат во една од водечките светски компании, да го учат технолошкиот процес и да претставуваат квалификувана работна сила“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Компаниите се повеќе одлучуваат да инвестираат надвор од Скопје. Со оваа инвестиција станува функционална и зоната во Струмица.

„130 вработени започнаа во постоечкиот капацитет и во процесот на обука. До крајот на март ќе се започне со работа на браунфилд објектот, а до крајот на оваа година треба да се вработени 400 луѓе, додека компанијата ќе започне со работа во новоизградениот објект во март идната година“, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Новиот капацитет на „Џонсон Контролс“ ќе произведува навлаки за седишта за автомобилската индустрија. Се очекува извозот да надмине 30 милиони евра на годишно ниво.

 

Сунчица Николоска