„Хај-тек“ почна да ја гради фабриката во Бунарџик
Во Бунарџик почна да се гради фабриката на „Хај-тек“, прва домашна инвестиција во слободната економска зона, вредна 20 милиони евра. Во план е да се отворат 300 работни места. Во новиот капацитет ќе се изработуваат високософистицирани производи, наменети за европскиот пазар...

Во Бунарџик почна да се гради првата домашна фабрика, инвестиција на компанијата „Хај- тек“. Вложувањето од 20 милиони евра треба да креира 300 работни места. Во првата фаза ќе се инвестираат 6 милиони, а ќе се изгради половина од капицитетот. Се очекува на есен фабриката да почне со работа.
„Долгогодишната посветеност и постојаниот развој во Хај-тек овозможија денес да работат 180 луѓе и целокупното наше производство да се извезува во западно европските земји“, вели инвеститорот Саво Станковиќ.
Новиот капацитет ќе донесе зголемено производство и извоз, нови работни места. Според вицепремиерот Ставрески, компанијата е најдобар пример дека домашните компании можат да извезуваат на пребирливите странски пазари. Наскоро ќе почне да се гради фабрика и на уште една домашна компанија во Бунарџик.
„Инвестицијата на Хај- тек е најдобар пример за тоа дека домашните бизнисмени кои имаат добри идеи и проекти, висока технологија и производство наменето за извоз, се добредојдени во ТИРЗ“, вели вицепремирерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Во новиот производствен погон ќе се произведува по најсовремена технологија. Ќе се извезува на европскиот пазар.
„Производството во фабриката во Скопје ќе биде меѓу најсофистицираните во Македонија. Вклучува упореба на електронски печатени плочки како основа на која и понатаму ќе се асемблираат компоненти како микропроцесори, отпорници, кондензатори, транзистори. Производството во целост ќе биде наменето за сранските пазари“, вели првиот човек на ТИРЗ, Виктор Мизо.
Македонскиот извозот веќе надминал 4 милијарди евра- велат надлежните. Променета е и структурата, кон производи со повисока додадена вредност.
Дијана Ценевска
